Претседателката Сиљановска-Давкова на аудиенција кај папата Лав XIV
„Сиљановска-Давкова ја изрази македонската подготвеност за јакнење и продлабочување на пријателството и соработката со Ватикан...“

Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, во Апостолската палата во Ватикан имаше аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав XIV, пренесува Анадолу.
Честитајќи му го изборот за понтиф на Католичката црква, претседателката, како што соопшти нејзиниот Кабинет, нагласила дека во ова време на голема неизвесност и поларизација во светот, неопходни се неговите охрабрувачки зборови за траен мир, како и неговите заложби за градење мостови на дијалог, разбирање и заемно почитување меѓу луѓето и народите.
„Сиљановска-Давкова ја изрази македонската подготвеност за јакнење и продлабочување на пријателството и соработката со Ватикан. Посочи дека редовното чествување на светите браќа Кирил и Методиј претставува симбол на духовната и културната поврзаност со Светиот престол“, се додава од Кабинетот на претседателката.
Таа истакнала дека двете држави имаат и нераскинливи историски врски преку цивилизацискиот завет на Мајка Тереза.
Навраќајќи се на историската посета на папата Франциск на земјава, Сиљановска-Давкова истакнала дека со должна посветеност сѐ уште се негува неговото духовно и дипломатско наследство, како израз на блискост, почитување на различностите и охрабрување на дијалогот меѓу културите и религиите.